РЕКОМ мрежа за помирување

жртви на војната
Пратениците во хрватското Собрание. Фото: ЕПА/Антонио Бат.

15.07.2021.

Хрватска: Усвоен закон со кој цивилните жртви на војната добиваат бенефиции

Хрватска, Цивилните жртви на војната

Со огромно мнозинство, пратениците во Собранието на Хрватска, денеска изгласаа нов закон, со кој на цивилните жртви на војната 1991-1995 година, им се овозможува да добијат бенефиции.

 

Со 107 гласа за, 16 против и 5 воздржани, хрватските пратеници денеска усвоија закон со кој на цивилните жртви на војната 1991-1995 им се обезбедуваат бенефиции.

Тој беше изгласан по жестоки дебати во Собранието за тоа дали законот ќе важи за луѓето кои биле дел од „непријателските“ српски сили за време на војната.

Законот, предложен од десничарската Влада предводена од Хрватската демократска заедница (ХДЗ), предвидува финансиски надомест за луѓето кои станале инвалиди за време на војната и за оние кои загубиле член на семејството, а финансиски поддржана ќе биде и набавката на одредени помагала, како што се протезите.

Според новиот закон, семејствата на цивилите кои исчезнаа во војната, но сè уште не се официјално прогласени за мртви, ќе можат да бараат надоместок, дури и во случаите кога за нив не е издадена потврда за смрт.

Владата очекува со новиот закон да бидат опфатени 2.500 корисници.

Хрватските десничарски пратеници го критикуваа законот, нагласувајќи дека и „агресорите“ и поранешните српски војници може да добијат финансиски бенефиции.

Некои од нив дури предложија бенефициите да им се ускратат на српските цивили кои живееле во таканаречената Република Српска Краина, територија во Хрватска контролирана од српските бунтовници од крајот на 1991 до 1995 година, кои беа потпомогнати од Југословенската Народна Армија и од српските паравоени сили.

Со предложените амандмани, кои беа отфрлени од Владата, пратениците на десничарското Татковинско движење, бараа правата што ги обезбедува новиот закон, да не ги уживаат „лицата кои доброволно живееја на окупираните територии, над кои Република Хрватска не беше во можност да ја извршува власта, односно лицата што не пружија отпор кон агресорот ”.

Законот, сепак, строго вели дека правата не можат да ги остварат припадници, помагачи или соработници на непријателските воени и паравоени единици, кои учествувале во вооружената агресија врз Република Хрватска, како и членовите на нивните семејства.

Но, некои набудувачи предупредуваат дека српските цивили може да имаат потешкотии да докажат дека не помагале или соработувале со „непријателот“.

Невладината организација Документа – Центар за справување со минатото, со седиште во Загреб, и Српскиот народен совет, кој ја претставува српската заедница во Хрватска, го поддржаа законот.

Минатата недела, првиот човек на Документа, Весна Тершелиќ, изјави дека усвојувањето на законот е чекор напред во хрватското општество, и иако тој „не е совршен“, сепак се бави со проблемите на семејствата на исчезнатите и на луѓето кои преживеале тортура во воените логори.

 

Ања Владисављевић

 


 

Текст Хрватска: Усвоен закон со кој цивилните жртви на војната добиваат бенефиции привично беше објавен на Balkan Insight/Balkan Transitional Justice.