РЕКОМ е Регионална комисија за утврдување на фактите за воените злосторства и за другите тешки кршења на човековите права извршени на територијата на некогашна СФРЈ од 1 јануари 1991 до 31 декември 2001 година, а за чие основање се залага Иницијативата за РЕКОМ.
Процесот РЕКОМ започна со дебатата за инструментите за откривање и за кажување на фактите за минатото одржана во мај 2006 година, на Првиот регионален форум за транзициска правда, кој беше организиран од Фондот за хуманитарно право (Србија), Истражувачко-документацискиот центар (БиХ) и Documenta (Хрватска). Учесниците, прретставници на невладини организации и здруженија на семејствата на исчезнатите и на жртвите од постјугословенските земји, се заложија за регионален пристап во утврдувањето на фактите за воените злосторства, со образложение дека војната се одвиваше на подрачјето на повеќе држави и дека жртвите и сторителите, во најголемиот број случаи, не живеат во иста држава.
Коалицијата за основање на РЕКОМ беше основана на Четвртиот регионален форум за транзициска правда, одржан на 28.10.2008 година во Приштина. Во текот на наредните три години, Коалицијата ја поттикна најобемната општествена дебата која била некогаш организирана на овие простори: консултативен процес за мандатот на РЕКОМ кој опфати 6.700 претставници/претставнички на цивилното општество, вклучувајќи ги и организациите за човекови права, жртвите, семејствата на жртвите и на исчезнатите, бегалците, ветераните/бранителите, логорашите, правниците, уметниците, писателите, новинарите и другу угледни поединци. Во вид на тркалезни маси, учесниците и учесничките ги изнесуваа своите предлози и ставови за мандатот на тоа регионално, меѓудржавно тело за откривање и за јавно изнесување на фактите за воените злосторства и за другите тешки кршења на човековите права, за жртвите и за сторителите. Беа одржани 128 локални и регионални собири и осум меѓународни форуми за транзициска правда. Изнесените ставови се преточени во Предлог Статутот на РЕКОМ, кој потоа беше анализиран од страна на експертска група формирана од претставници и претставнички на претседателите на земјите и на претседателството на БиХ. По едногодишна работа, на 28.10.2014 година, експертската група ѝ ги достави на Коалицијата Измените на Предлог Статутот , кои потоа беа усвоени на Собранието на Коалицијата одржано на 14 ноември 2014 година.
Според Предлог Статутот, РЕКОМ е меѓудржавна комисија која ја основаат државите настанати на територијата на бивша СФРЈ. Ова вонсудско тело ќе ги истражи наводите за сите воени злосторства и за другите тешки кршења на човековите права во врска со војната; поименично ќе ги попише сите воени жртви, како и жртвите на кривичните дела сторени во врска со војната; ќе ги собере податоците за логорите и другите места на присилно заточеништво. регионалната комисија ќе биде независна од совите основачи. Таа ќе се финансира од донации.
Иницијативата за РЕКОМ ги повикува постјугословенските држави да ја основаат оваа комисија заеднички и да ги утврдат фактите коишто се важни за историјата и за иднината на целиот простор на бивша Југославија, а кои ќе бидат подеднакво прифатливи за сите некогашни страни во судир. До крајот на 2014 година, Иницијативата за основање на РЕКОМ со свои потписи ја поддржаа преку 580.000 поединци од цела бивша Југославија.