Вести

Младиќ бил клучна фигура во злосторства во БиХ, тврдат обвинителите на МКТЈ

Related image

Обвинителите на Меѓународниот кривичен трибунал за поранешна Југославија (МКТЈ), во текот на првиот ден од излагањето на завршните зборови на судењето на Ратко Младиќ, изјавија дека воениот командант на Војската на Република Српска (ВРС), одиграл клучна улога во бруталниот план за „чистење“ на територијата на БиХ од несрпското население.

Обвинителите, во понеделник, пред МКТЈ, на судењето на Ратко Младиќ, почнаа со излагањето на своите завршни зборови, при што нагласија дека поранешниот командант на ВРС, имал цврста контрола врз силите, кои за време на војната во БиХ, 1992-1995, извршиле геноцид.

Иако адвокатите на Младиќ тврдеа дека тој бил релативно маргинален играч и дека не секогаш имал контрола врз силите на босанските Срби, кои биле ангажирани во кампањата на етничко чистење, обвинителот Алан Тигер изјави дека ова е „бесмислено“ и дека доказите ја покажале „апсурдноста на улогата (на Младиќ) како секундарна фигура“.

За да го побие тврдењето дека Младиќ бил заштитник на босанските муслимани, Тајгер покажа видео снимки на која Младиќ се наоѓа на состанок со други генерали, на која, како што рече Тигер, може да се почувствува неговото „доминантно присуство“, додека им упатува закана на бошњачките претставници со зборовите: „Можете или да преживеете или да исчезнете“.

Пред судот, исто така, беше прикажана видео снимка на која Младиќ во 1994 година разговара со Србин од Канада, при што му вели: „Кога и да дојдам во Сараево, попатно убивам некого“.

На снимката, Младиќ вели дека дошло време за одмазда кон „Турците“ (назив кој се користел за Бошњаците) и на која се фали како нивните села се „уништени“.

Овие зборови, рече Тигер, ја демонстрираат „гордоста и задоволството“ на Младиќ поради камањата на етничко чистење, спроведена од силите под негова команда, како и неговото „непочитување на жртвите“.

Image result for prosecutor alan tiger pictures

Цитирајќи изјави на официјални лица на ВРС, која била под команда на Младиќ, како и на вработени лица во ООН, Тигер нагласи дека командниот синџир е јасен и дека Младиќ имал „високо ниво на власт и знаел за активностите на своите сили“.

Обвинителството тврди дека клучната цел на високото раководство на босанските Срби, меѓу кои биле и Караџиќ и Младиќ – а тоа била, формирање на етнички чиста српска држава – веќе била поставена како цел кога во 1992 војната избувнала.

Тие се обиделе со етничкото чистење да ја сменат „фактичката состојба“ на етничкиот состав на териториите кои тие сакале да ги контролираат, со цел да се изврши притисок во преговорите со босанската влада, рече Тигер.

Под закана од воена сила, каде што Младиќ бил главен играч, од босанската влада се барало или да се согласи со условите или да се соочи „со автопатот кон пеколот и страдањата“, додаде тој.

Младиќ, кој беше на чело на ВРС од мај 1992 година, е обвинет за геноцид врз Бошњаците во Сребреница во 1995 година, за прогон на муслиманите и Хрватите низ Босна и Херцеговина, кој наводно достигнал размери на геноцид во неколку други општини, за тероризирање на цивилите во Сараево за време на 44-месечната опсада и за земање на мировници на ООН како заложници.

Во масакрот во Сребреница, силите на босанските Срби убија повеќе од 7.000 муслимански мажи и момчиња, додека за време на опсадата на Сараево, од снајперски оган, во гранатирањето или под други околности, животот го загубиле 10.000 луѓе.

74-годишниот Младиќ изјави дека не е виновен по обвиненијата.

Обвинителството ќе заврши со презентацијата на своите завршни зборови во среда, а одбраната своите ќе ги изнесе од 9 до 13 декември.

Двете страни, можност да ги коментираат завршните зборови на другата страна, ќе имаат на 15 декември.

Судењето започна во мај 2012 година, а пресудата се очекува во 2017 година.

 

(Oбјавено на сајтот Balkaninsight 5. 12. 2016.)