РЕКОМ мрежа за помирување

11162015-rekom-10-

17.11.2015.

Балканските политичари „не го сфаќаат сериозно помирувањето“

Постојаната самовиктимизација ги продлабочува поделбите што ги разгореа конфликтите во поранешна Југославија, во текот на 90-тите години, предупредија експерти на дебата што се одржа во Белград.

Марија Ристиќ, БИРН, Белград

Политичарите не успеаја правилно да го решат прашањето на повоено помирување, изјавија експертите на панел дискусијата што се одржа во понеделник, во организација на коалицијата на невладини организации вклучени во кампањата на регионалната комисија за утврдување на фактите во поранешна Југославија, РЕКОМ.

„Постои тенденција кај локалните и меѓународни политичари, да се сведе процесот на помирување на формални настани, како што е потпишувањето на различни договори, официјални посети, и така натаму“, изјави Ерик Горди, висок предавач на Универзитетот во Лондон.

„Проблематично е и тоа што само политичарите, кои ги вршат овие посети и даваат изјави, се вклучени во овој процес. Нема подлабоко помирување, меѓу институциите и граѓаните“, рече Горди.

Дискусијата во Белград е дел од 15-те планирани дебати во шест поранешни југословенски земји, во организација на невладините организации собрани во рамките на РЕКОМ.

Намерата на РЕКОМ е формирање на регионална комисија за вистината, која ќе подготви конечен список на сите убиени и исчезнати, заедно со список на логори и места за притвор, кои постоеле за време на вооружените судири во поранешна Југославија, во периодот 1991-2001.

Наташа Кандиќ, координатор на Иницијативата за РЕКОМ, изјави дека е важно да се утврдат фактите не само на државно ниво, туку и во целиот регион.

„Веруваме дека поради регионалниот карактер на оваа комисија, можеме да ги спречиме конфликтите во иднина“, рече Кандиќ.

Досега, иницијативата РЕКОМ има добиено поддршката од претседателите на Србија, Косово, Словенија, Хрватска и на Македонија. Бошњачкиот и хрватскиот член на тројното претседателство на БиХ, исто така, ја поддржаа иницијативата, но поддршка не даде и српскиот член.

Ратко Божовиќ, пензиониран професор по социологија од Србија, на дебатата во Белград изјави дека проблемот во постјугословенските земји, е во тоа што луѓето не се подготвени да простат.

„Не постои култура на помирување и тоа е голем проблем. Нема да има помирување, ако не постои прошка и нема проштевање без да се утврди вистината“, рече тој.

Сима Спасиќ, претседател на Здружението на семејства на киднапирани и исчезнати лица во Косово и Метохија, кое е вклучено во процесот РЕКОМ, изјави дека семејствата на жртвите имаат проблеми со прифаќање на изјавите на политичарите, бидејќи некои од нив работеле во државни институции кои извршиле воени злосторства.

„Сѐ додека сите оние што извршиле злосторства се на слобода и сѐ додека не бидат повикани на одговорност, помирување нема да има“, рече Спасиќ.

Тешки зборови: Политичарите за минатото

РЕКОМ направи извештај за изјавите на локалните политичари за помирувањето, со фокус на клучните настани во оваа година, вклучувајќи ја 20-годишнината од настаните во Сребреница, дијалогот меѓу Србија и Косово, како и 20-годишнината од хрватската операција „Бура“. Ова се издвоени примери на цитати од извештајот:

„Верував дека сите луѓе сакаат да размислуват за иднината, но видов дека некои луѓе го сфатија помирувањето, како потреба за понижување на Србите“. Српскиот премиер, Александар Вучиќ, по комеморацијата на 20-годишнината од масакрот во Сребреница.

„Србите се народ кој за време на двете светски војни, многу повеќе страдаше од другите, кој страдаше и во судирите во Босна и Херцеговина“. Претседателот на Србија, Томислав Николиќ, пред гласањето за резолуцијата на ООН за Сребреница.

„Поединечните злосторства врз Србите се неспоредливи со обидот за искоренување на Бошњаците“. Бакир Изетбеговиќ, бошњачки член на тројното претседателство на Босна и Херцеговина.

„Бошњаците не сакаат помирување, туку сакаат целиот српски народ колективно да се казни, да се изгубат од овие простори, за Хрватите повеќе да не се грижат, и сето тоа само за да ја имаат БиХ за себе“. Милорад Додик, претседател на Република Српска.

„Ние во Хрватска, не сакаме да се враќаме во минатото, пружаме рака на пријателство, соживот и толеранција, не сакаме српскиот народ да го обвинуваме за агресијата врз нашата држава. Но, никогаш нема да дозволиме изедначување на агресорот и жртвата“. Колинда Грабар – Китаровиќ, пред одбележувањето на годишнината од операцијата „Бура“.

„Треба да се случи признавање на вината од страна на државата Србија и потоа можеме да зборуваме за помирување меѓу Косово и Србија и Албанците“. Министерот за надворешни работи на Косово, Хашим Тачи.

This website was created and maintained with the financial support of the European Union. Its contents are the sole responsibility of the RECOM Reconciliation Network and do not necessarily reflect the views of the European Union.