РЕКОМ мрежа за помирување

dubrovnik-shelling-wikimedia-commons-bracodbk-640

07.12.2016.

Повик до Црна Гора да ги казни одговорните за нападот на Дубровник

На 25-годишнината од нападот, кој Југословенската народна армија (ЈНА) го изврши на Дубровник, група активисти на невладиниот сектор ги повикаа властите да ги гонат државјаните на Црна Гора, кои учествувале во нападот.

Три невладини организации, во понеделникот му се обратија на Специјалното државно обвинителство на Црна Гора, истакнувајќи дека одамна требало да биде завршено процесирањето на одговорните за злосторствата извршени за време на нападот на Дубровник, на 6 декември 1991 година.

Невладините организации „Акција за човекови права“, „Центарот за граѓанско образование“ и „Документа – Центар за справување со минатото“ од Загреб, истакнаа дека досега во Црна Гора немало донесена ниту една пресуда за гранатирањето на Дубровник од страна на ЈНА, во кое загинаа 19, а беа повредени 60 лица.

Тие го повикаа обвинителството да вложи поголеми напори во спроведувањето на истрагата за воените злосторства извршени од црногорските државјани, кои биле припадници на ЈНА, на територијата на Хрватска во 1991 година.

Невладините организации побараа обвинителството повторно да ги разгледа архивираните докази.

Во 2012 година, беа поднесени кривични пријави против неименувани резервисти на ЈНА од Црна Гора, осомничени за убиство на цивили во селото Зековица, во близина на аеродромот во Дубровник, но досега не е покренат ниту еден случај директно поврзан со гранатирањето на овој град.

„Казнувањето на злосторствата сведочи за прифаќањето на владеењето на правото, обезбедува искрено соочување со минатото и како такво, единствено тоа може, да спречи тие повторно да се случат. Исто така, го повикуваме јавниот сервис РТЦГ, во рамките на својата програмска шема, да отвори дијалог за овој многу важен дел од историјата на Црна Гора и за последиците што ги има несоодветното гонење на злосторствата“, се вели во заедничката изјава на овие невладини организации.

Нападот на Дубровник, хрватско пристаниште во близина на границата со Црна Гора, и на регионот Конавле, кој го опкружува, започна на 1 октомври 1991 година.

ЈНА, вклучувајќи и голем број на црногорски војници и резервисти, девет месеци го држеа градот под опсада.

Стариот дел на градот Дубровник, кој е светско наследство на УНЕСКО, во нападите претрпе значителна штета.

Хашкиот трибунал во 2008 година го осуди Павле Стругар, кој за време на нападот на Дубровник командувал со силите на ЈНА, на седум и пол години затвор.

Во 2009 година, тој беше предвремено ослободен.

Во 2000 година, Мило Ѓукановиќ, тогашен премиер на Црна Гора, официјално ѝ се извини на Хрватска за страдањата и загубите што ѝ ги нанеле црногорските војници, особено во областа на Дубровник.

 

(Објавено на сајтот BalkanInsight 6. 12. 2016.)

This website was created and maintained with the financial support of the European Union. Its contents are the sole responsibility of the RECOM Reconciliation Network and do not necessarily reflect the views of the European Union.