РЕКОМ мрежа за помирување

Eric Gordy

06.10.2015.

Државите од Југоисточна Европа, ЕУ и „помирувањето“

Не е претерано тешко да се заклучи дека колку и да се неопходни договорите помеѓу спротивставените политички елити, и колку и да имаат потенцијал да придонесат за помирувањето, тие сами по себе сепак не претставуваат помирување. Тоа претставува еден далеку поширок процес со импликации на институционално, општествено и културно ниво, кој истовремено вклучува создавање и размена на сфаќањата на самиот конфликт од минатото, признавање на одговорноста (односно постапки кои се конзистентни на таквото признавање), разбирање на различните проблеми и на загриженоста која произлегува од различните општествени јавности, но и сите позитивни чекори кои би одговориле на бројните потреби кои произлегуваат од самото искуство на судирот и насилството.

 

 

Ерик Горди

 

Несомнено е дека српската влада полека стекнува меѓународен политички капитал, и тоа од две причини – релативно прифатливиот став спрема бегалците кои пристигнуваат во земјата и нејзината повремена подготвеност на договори со Владата на Косово. Секој кој не се наоѓа на некој од политичките екстреми, веројатно ќе се сложи дека таа, во овој поглед, и навистина ги заслужува пофалбите кои ѝ се упатени. Меѓутоа, интересно е да се споменат и начините на кои таквата позиција на владата се толкува со претерување. На пример, по разговорот со премиерот Александар Вучиќ, Комесарот за проширување на Унијата, Јоханес Хан ја постави позицијата на владата во контекст на помирувањето, ветувајќи притоа и соодветна награда. Ова беа неговите зборови:

„Помирливиот однос и постапките на премиерот Вучиќ и на српската влада спрема соседите, како и продолжувањето на дијалогот на највисоко ниво со Косово, се најдобри примери за тоа. Доколку го обединиме сето тоа, убеден сум дека ќе се најдеме на добар пат да ги отвориме пристапните преговори за првите поглавја до крајот на оваа година.“

На тоа, Вучиќ одговори со изјава во која си презеде заслуги за еден широк спектар активности, нагласувајќи ја притоа наградата која му ја вети Хан:

„Сметаме дека во последно време постапувавме добро и сериозно во сите, или барем во многу сфери на општествениот живот и дека за тоа го заслуживме отворањето на пристапните преговори за одделни поглавја до крајот на годината.“

Делот на оваа размена кој заслужува најголемо внимание е поврзувањето на кооперативните потези со „помирувањето“ и очекуваните последици од тоа. Ако сето тоа го изразиме на еден шематски начин, тоа би изгледало отприлика вака:

  1. Помирувањето се демонстрира со „добро однесување“.
  2. Примери на „добро однесување“ се а) кооперативниот однос спрема меѓународните институции, и б) подготвеност за договор со политичките елити на соседните држави.
  3. Мотивот за „доброто однесување“ е материјална награда, во случајов напредок во процесот на интеграции во меѓународните институции.

Би можело да се каже дека сите овие претпоставки се точни, или дури дека на ниту една од нив не може да ѝ се најде приговор. Единствената основа по која некој би можел да ја критикува имплицитната дефиниција на помирувањето на Хан е дека е таа можеби претесна и нецелосна. Имено, се стекнува впечаток дека таа всушност сугерира дека помирувањето се остварува по пат на договор меѓу политичките елити, што идните непријателства ги прави помалку веројатни.

Секако, лесно е да се забележи дека, сами по себе, договорите на елитите не ја намалуваат веројатноста од идни непријателства во значителна мерка. Тоа е евидентно и во повремените ескалации на национално заснованата реторика, кои со тек на времето го окупираа најголемиот дел од политичкиот живот на Босна и Херцеговина, посебно кога станува збор за односите на Република Српска и федералните институции. Тоа беше евидентно и во начинот на кој спорот помеѓу Србија и Хрватска околу пренасочувањето на бегалците набргу прерасна во економски санкции и гранични блокади, а премиерите на двете држави во медиумите отворено зборуваа дека немаат никаква желба да разговараат еден со друг. Зад сето тоа стојат две главни причини: првата е во тоа што политичките елити, кои навистина имаа потенција да ги смируваат тензиите заедно, во иста мерка се во состојба и да ги продлабочуваат; втората причина е во тоа што договорите помеѓу елитите истовремено не нудат и одговор на елементот на незадоволство кај пошироката јавност, кој е присутен во нивната заднина.

Оттука, не е претерано тешко да се заклучи дека колку и да се неопходни договорите помеѓу спротивставените политички елити, и колку и да имаат потенцијал да придонесат за помирувањето, тие сами по себе сепак не претставуваат помирување. Тоа претставува еден далеку поширок процес со импликации на институционално, општествено и културно ниво, кој истовремено вклучува создавање и размена на сфаќањата на самиот конфликт од минатото, признавање на одговорноста (односно постапки кои се конзистентни на таквото признавање), разбирање на различните проблеми и на загриженоста која произлегува од различните општествени јавности, но и сите позитивни чекори кои би одговориле на бројните потреби кои произлегуваат од самото искуство на судирот и насилството.

Ова пошироко сфаќање исто така може да биде претставено шематски. Таквото помирување (во најмала рака) вклучува пет нивоа:

  1. Помирувањето подразбира комуникација помеѓу институциите. Тој вид комуникации ги вклучува и оној вид договори чие значење со право го потврдија и Јан и Вучиќ. Тоа, исто така, вклучува и активностите во кои лидерите од овој регион се впуштаа само повремено, со прекини и со колебање, како јавни извинувања и потврда на утврдените факти. Истовремено, договорите (како договорите меѓу Србија и Косово за нормализација на односите) и службените посети (како посетата на членови на Претседателството на БиХ на Белград, кои драмски се преувеличуваат до ниво на самото постоење на дипломатски односи меѓу двете земји) се значајни и неопходни. Но, помирувањето на институционално ниво претпоставува и јасни изјави од највисоко институционално ниво за заедничка посветеност кон таа цел. Така, може да се даваат секакви официјални мировни изјави, но тие, во отсуство на политичка волја, сепак не претставуваат помирување.
  2. Помирувањето подразбира комуникација внатре во рамките на институциите. За помирувањето придонес можат да дадат само институции кои ги прочистиле своите редови, ги унапредиле своите процедури и пред јавноста излегле со јасна сметка за својата институционална одговорност и посветеност кон таа нова институционална смисла. Тоа се однесува на целата институционална сфера, но првенствено на институциите со најголема улога во произведувањето, односно утврдувањето на вината за постапките од минатото, а со тоа и за нејзино надминување – значи, војската, безбедносните структури и судските институции. Токму внатре во тие институции постои апсолутна обврска за казнување или смена на поединците одговорни за сторените повреди на човековите права, како и обука на кадарот за спречување на идни повреди – но, и одговорност сите тие институции пред јавноста да излезат со јасни, колективни сметки за своите постапки во минатото, односно за својата цел во иднината. Поради тоа, продолжувањето на контроверзиите околу воените активности на одредени лица (како Љубиша Диковиќ и Горан Радосављевиќ) сугерираат дека институциите всушност никогаш не ги прифатиле своите нови улоги, кои би биле осмислени како придонес во целиот процес на помирување.
  3. Помирувањето подразбира комуникација помеѓу институциите и јавноста. Иако сите влади од регионот можат да се повикаат на бројни гестови со кои исполниле некои од условите наметнати однадвор, како обезбедување на бараната документација за обвинетите и Трибуналот, воспоставување специјални судови и обвинителства, прекугранична соработка во спроведување на истрагите и примената на законите – нивните официјални претставници истовремено со тие активности на јавноста ѝ говореа (кога за нив воопшто и говореа) исклучиво во општи и неодредени црти. паралелно со тоа, медиумите и образовните, политичките и верските институции, главно го задржаа истиот тон на етнонационалистичка исклучивост и незадоволство, кој беше доминантен и во време на судирите. Иако споменатите гестови се неопходни, за да дадат придонес кон помирувањето на барем малку осмислен начин, на јавноста е неопходно да ѝ се предочи сѐ што се чини во таа насока, причините поради кои се прави сето тоа, и на кој начин тоа се разликува од сето она што е правено во минатото. Сами по себе, условувањето и исполнувањето на условите создаваат атмосфера во која комуникацијата е ограничена исклучиво на политичките елити, што на никаков начин не го менува јавниот дискурс.
  4. Помирувањето подразбира комуникација на спротивставените јавности. Активностите во областа на помирувањето не се одвиваат само на нивото на институциите. Централниот елемент и една од целите на помирувањето се однесува токму на јавностите кои дотогаш биле охрабрувани да се судираат и да се спротивставуваат една на друга, за на крајот да почнат да ги разменуваат своите искуства и сфаќања, да развијат заеднички сеќавања и капацитет меѓусебно да се признаат. Слободната комуникација и движењето на луѓето го охрабрува тој процес, кој истовремено ги вклучува и активностите на граѓанските, образовните, верските, медиумските и културните институции. Нивниот главен придонес се огледа во одржувањето на атмосфера на толеранција и отвореност. Се чини очигледно дека, и покрај фактот што во целиот регион е покренат навистина импресивен број иницијативи осмислени да охрабрат токму таков вид комуникација – тоа е остварено наспроти, а не благодарение на институциите со најголем капацитет да придонесат во целиот тој процес.
  5. Помирувањето подразбира конкретни активности во областа на утврдувањето на фактите, реституцијата и ретрибуцијата, во кои ќе биде вклучена целата јавност. Основните факти за насилството од деведесеттите се и натаму во изненадувачки степен непознати. Актуелните спорови околу бројката на жртвите и исчезнатите, логистичките структури, командната одговорност и слични прашања, делумно може да се припишат на непотполното истражување на фактите, а делумно на инсистирањето на доверливоста на некои корисни информации. Меѓутоа, разјаснувањето и општото познавање на некои фундаментални факти за судирот се истовремено и единствениот можен темел на помирувањето. Покрај тоа, на потребите на сите чии животи биле зафатени со насилство, неопходно е да се одговори со признавање и со оштета. Еден од клучните елементи на тоа се правните промени кои би го потврдиле статусот и потребите на цивилните жртви, а таа работа никогаш не била сторена. Идентификацијата и процесирањето на сторителите, исто така, мораат да бидат сфатени како потреби на жртвите – но, локалните правосудни институции на државите во регионот со оваа работа се занимаваат во најмала можна мерка, само толку за да се задоволат поставените меѓународни услови, а тоа сѐ уште претставува сеприсутна општествена потреба.

Посматрано од оваа перспектива на пошироко толкување на сето она што во себе го вклучува помирувањето, можеби е поразумно да се заклучи дека Србија, заедно со останатите држави во регионот, во тој поглед всушност не сторила многу, туку напротив – сторила многу малку. Основната причина за тоа би можела да лежи во фактот дека сите тие пошироки активности кои претставуваат еден од предусловите за помирувањето и кои ги опфаќаат не само политичките, туку и општествените и културните институции, досега во голема мерка биле ограничени само на секторот на политичките институции.

Можеби ЕУ и Јоханес Хан (кој зборува во нејзино име) се навистина задоволни со таквиот ограничен напредок, во една ограничена сфера. Меѓутоа, таквиот тесен пристап кон помирувањето не ги зема предвид потребите на различните јавности на овој регион. Ако притоа тргнеме од тезата дека една од целите на помирувањето е да придонесе за безбедноста, односно намалувањето на изгледите на некој иден судир, таквиот пристап всушност не ги зема предвид дури ни потребите на самата Унија.

 

Авторот е професор на Катедрата за словенски и источноевропски студии на Лондонскиот универзитет

This website was created and maintained with the financial support of the European Union. Its contents are the sole responsibility of the RECOM Reconciliation Network and do not necessarily reflect the views of the European Union.