РЕКОМ мрежа за помирување

Newborn

26.02.2016.

Во средните училишта во Косово ќе се учи за транзициската правда

Министерот за образование на Косово, Арсим Бајрами, изјави дека од септември 2017 година, во наставните програми за средно училиште, ќе биде вклучено и изучувањето на транзициската правда

 

Дорутина Балиу, БИРН, Приштина
На тркалезната маса што ја организираше Фондот за хуманитарно право се дискутираше за транзициската правда / Фото: БИРН.

 

Министерот за образование, Бајрами, во четврток го прифати предлогот на Канцеларијата на Фондот за хуманитарно право во Косово, транзициската правда да биде дел од предметот Граѓанско образование, во рамките на наставната програма за средните училишта.

„Министерството за образование ќе биде многу активно во овој проект и ние едвај чекаме негова имплементација. Заедно се надеваме, дека ќе го почнеме овој проект од почетокот на следната учебна година, од први септември“, рече Бајрами на тркалезната маса организирана во Приштина.

Беким Блакај, директор на Фондот за хуманитарно право, ФХП, рече дека од суштинско значење е учениците да учат за транзициската правда, за да го разберат она што се случило во 90-тите години.

„Забележавме отсуство на информации меѓу средношколците за основните податоци за човечките жртви или материјални загуби за време на војната во Косово“, рече Блакај на тркалезната маса во Приштина.

„Решивме да предложиме еден ваков проект, бидејќи образованието е дел од институционалната реформа на општеството“, додаде тој.

Од 2011 година, ФХП организира работилници за ученици од средните училишта, како дел од нивната програма за справување со минатото. Во 2015 година, беа организирани 16 работилници со учество на 591 ученик.

Една од дилемите што се појавија за време на дискусијата на тркалезната маса беше прашањето за тоа дали транзициската правда треба да се изучува во рамките на предметот Историја или Граѓанско образование.

Беќир Летај, професор по историја од Призрен, смета дека транзициската правда не треба да се изучува како дел од историјата, затоа што за проценка на настаните од војната е потребен долг временски период.

„Историјата е предмет за кој е потребна научна прецизност, па затоа е препорачливо да поминат најмалку триесет години пред ова прашање да биде вклучено во учебниците по историја. Затоа Граѓанското образование би бил соодветен предмет за дополнително поглавје“, рече Летај.

Швајцарскиот амбасадор во Приштина, Кристина Марти Ланг, за време на дискусијата на тркалезната маса изјави дека амбасадата ја поддржува иницијативата.

„Без пристап базиран на факти и дискусии за тоа како земјата се соочува со минатото, на медиумите ќе им биде полесно да манипулираат со учениците“, рече таа.

(БИРН,25.02.2016)

This website was created and maintained with the financial support of the European Union. Its contents are the sole responsibility of the RECOM Reconciliation Network and do not necessarily reflect the views of the European Union.