Вести

Дијалогот Косово-Србија „само меѓу политичарите“

Политичките водачи од Косово и од Србија, можат во Брисел да зборуваат едни со други, но двете општества воопшто не комуницираат меѓу себе, беше речено на дебата во Приштина.

 

U

 

Петрит Чолаку, Антигона Шаипи
БИРН, Приштина

Петар Милетиќ, поранешен член на Претседателството на Собранието на Косово, изјави за време на дебатата за помирување во Приштина во понеделникот, дека сегашните разговори меѓу Косово и Србија, што се одржуваат под покровителство на ЕУ, се само разговори меѓу функционери, во кои не се вклучени обичните луѓе.

„Дијалогот во Брисел помеѓу Косово и Србија не е дијалог меѓу двете општества, туку дијалог меѓу владите на двете земји“, рече Милетиќ.

„Не постои дијалог меѓу Албанците и Србите, постои дијалог меѓу Вучиќ и Мустафа“, додаде тој.

Ова значи дека обичните луѓе не чувствуваат дека имаат некаква корист од разговорите во Брисел за нормализирање на односите, рече Милетиќ.

Ардијан Арифај, советник на министерот за надворешни работи на Косово, Хашим Тачи, рече дека за помирување меѓу двете општества, од суштинско значење е поинаков вид на искрен дијалог.

„Тоа не се случи, но, постои потреба да се промени наративот кој предизвика војни и доведе до конфликт, што го отежнува вистинското помирување меѓу народите на Балканот“, рече Арифај.

Поранешниот косовски министер за надворешни работи, Енвер Хоџај, универзитетски професор, иѕјави дека помирувањето меѓу Косово и Србија сѐ уште е далеку.

Додаде дека Србија и натаму ја попречува интеграцијата на Косово во меѓународните институции, наведувајќи го неодамнешниот неуспешен обид на Приштина да стане членка на УНЕСКО, кој, како што рече, беше опструиран од Белград.

Истакна дека Србија мора да ја признае независноста на Косово, за помирувањето да биде можно.

„Дијалогот за нормализирање може да му послужи на процесот на помирување, а целта треба да биде взаемно дипломатско признавање меѓу двете земји“, рече Хоџај.

Жарко Пуховски, професор и политички аналитичар од Загреб, рече дека старите непријатели мора да соберат храброст и да почнат да ја делат одговорноста за она што се случуваше за време на војните.

Меѓутоа, тој тврди дека воените политичари нема да можат да го водат процесот на помирување.

„За мир, ни требаат други луѓе“, рече тој.

Дебатата за помирување ја организацираше Канцеларијата на Фондот за хуманитарно право во Приштина, откако слични дебати беа одржани во Скопје, Белград и во Бања Лука.

 

(21.12.2015.)