Вести

Пуховски за Алфа: Не можам да видам што добивте со Преспанскиот договор

Што и донесе преспанскиот договор на Македонија, требаше ли земјите во регионот да трчаат кон Балканска наместо кон Европска унија, дали така ќе станевме поодбро место за живеење внатре, но и попривлечни за Европа? Ова се дел од прашањата кои успеавме да му ги поставиме на исклучителниот хрватски професор, интелектуалец, философ, симболот на суровата искреност, модел за многу македонски интелектуалци… Жарко Пуховски. Беше дел од Форумот на Иницијативата за Регионална комисија за утврдување на фактите за воените злосторства и други тешки повреди на човековите права во поранешна Југославија, позната како РЕКОМ, во Загреб 15 и 16 декември. Од интерeсната дискусија за сеуште болните теми од балканското минато, го извлековме, па и покрај техничките пречки сепак добивме одговори на неколку прашања.

Требаше ли Балканот да стане наша Унија, пред „ја бркаме“ Европската?

Пуховски: Се плашам дека нема друг излез, освен да се обидувате, со сите маки, некако да влезете во ЕУ. Балканската унија нема логика од повеќе причини, но пред се затоа што Балканот остана црна дупка во Европа обиколена со членки на Европската унија, а самата е премногу мала и премногу слаба за да направи нешто за себе а не пак за другите. Второ, односите меѓу земјите во регионот се многу лоши, на пример меѓу Косово и Србија, ако воопшто може да се зборува за однос меѓу држави бидејќи тие не се ни признаваат меѓусебно. БиХ има големи внатрешни проблеми, Македонија има и внатрешни и надворешни проблеми. Напросто, нема друг излез, без разлика колку долго ќе трае тоа, сепак чекор по чекор да влезат во ЕУ. Таа не е никаков идеал, не е заедница на вредности, туку едноставно е поразвиена, побогата и со повисоки стандарди, со владеењето на правото и подобар стандард за сите држави.

Каква порака испрати Македонија кога јавно го бојкотираше нобеловецот?

Пуховски: Гледајќи отстрана, ми се чини дека во ситуација кога македонските власти, откако со тешки маки успеаја да добијат поддршка на референдумот, се согласија да го променат името на државата, се останато е неважно. А и таа промена на името не донесе некакви резултати. Бојкотот остана, примитивниот грчки империјализам доби поддршка од ЕУ, што според мене е целосно неразбирливо. И оттогаш, овие тактички прашања се второстепени. Јас не можам да бидам објективен, Петер Хандке е мој пријател 50 години. Тој направи различни политички глупости, но тој е голем писател и не гледам зошто би се поврзувало тоа што некој е писател со она што го правел во политичкиот живот. Како што Хајдегер е еден од најголемите филозофи на 20 век, или некои од писателите кои што имаа симпатии за фашизмот со тоа не престанаа да бидат големи писатели. Значи, според мене тоа е погрешно, но во исто време е потполно второстепено во однос на фактот дека македонската власт успеа да го наговори својот народ да прифати промена на името и потоа за возврат не доби ништо.

Што ни донесе Преспанскиот договор?

Пуховски: Не сум некој поддржувач на колективните идентитети, според мене можно е да се менуваат имињата на државите. Јас живеев во една држава, сега живеам во друга, тоа само по себе не е трагично. Но прашањето е што се добива со тоа. Не можам да видам што доби Македонија со тоа. А си предизвика и на себе и на другите многу компликации. Ја воведе во меѓународната политика можноста една држава да и диктира на друга како ќе се нарекува. Тоа, според мојата проценка, го отвора патот за други, различни диктати и тоа не е добро.

Можевме ли да се извлечеме без Преспанскиот договор?

Пуховски: Јас мислам дека да, бидејќи тука не се работеше за напад од кој требаше сила и моќ за да се одбраните, туку се работеше за уцена и ветување. А се покажа дека ветувањето било празно. Барем за сега. Се додека Франција ја игра својата игра, се додека Макрон не дозволува проширување, се покажува дека не добивте ништо, а од друга страна Македонија кога тогаш со било кое име би влегла во ЕУ. Со тоа дури би направила и нешто за Грција, односно грчкиот ситен империјализам да добие по прстите, кога веќе големите не можат да добијат.

Извор: http://alfa.mk/