РЕКОМ мрежа за помирување

Предизвиците од справувањето со конфликтното минато во Република Mакедонија

t2_Prilep-8_11_2013-br_1

 

На 8 ноември 2013 година во Прилеп, во хотелот „Кристал Палас“ беше организирана тркалезна маса под назив „Предизвиците од справувањето со конфликтното минато во Република Македонија“, во организација на Фондацијата Конрад Аденауер, Центарот за истражување и креирање политики и Коалицијата за РЕКОМ. Ова беше трет од серијата настани од ваков вид, со цел подигање на јавната свест за значењето на концептот на соочување со минатото и конкретно на Иницијативата за РЕКОМ.

Во улога на модератор, поранешниот локален заговарач за РЕКОМ во Македонија, м-р Оливер Станоески, ја претстави Иницијативата за РЕКОМ, нејзиниот историјат, ми­си­ја, и досегашни остварувања. Тој ги информираше присутните за најновите придвижувања во институционализацијата на РЕКОМ и постепениот трансфер од нивото на цивилно општество, на политичко и меѓудржавно ниво. Поздравен говор во име на донаторот, одржа претставничката на канцеларијата на Фондацијата Конрад Аденауер за Македонија и Косово, г-ѓа Даниела Поповска, која зборуваше за значењето на соочувањето со минатото и искуствата на Германија по Втората светска војна, што останува едно од приоритетитните подрачја на ангажман на оваа организација. Таа ја поздрави Иницијативата за РЕКОМ и вети натамошна поддршка во нејзината реализација. Вовед­но­то предавање го имаше проф. д-р Жидас Даскаловски, кој зборуваше за мултикул­тура­лиз­мот и политичкото менаџирање на разликите во поделените општества. Алберт Хани, од Тренинг центарот за менаџирање со конфликти, настапи со презентација поврзана со мемо­рализацијата на минатото во интеркултурно опкружување, со посебен акцент на кул­ту­рата и политиката на сеќавање, која се одразува и низ феноменот на градење на спо­мени­ци и глорификација на воените херои. Проф. д-р Билјана Ванковска, јавен заговарач за РЕКОМ во Македонија требаше да зборува за справувањето со минатото и транзициската правда од теориски, компаративен и национален аспект, но бурната дебата која следуваше по претходните презентации ја натераа да го напушти замислениот концепт и да се фоксуира конкретно на прашањата наметнати од присутните. Во ист дух, на крајот, на присутните им се обратија и двајца од најактивните членови на Коалицијата за РЕКОМ, двајцата претставници на организациите на ветераните, Илија Николовски и Раим Лимани.

На тркалезната маса присуствуваа преку 60 учесници, меѓу кои младински и други невладини организации, претставници на организациите на ветераните (од двете страни на конфликтот), како и претставници на здруженијата на жртвите, интелектуалци, студенти и членови на Коалицијата за РЕКОМ. Дискусијата која следуваше по презентациите беше отворена, а на моменти и тензична. Причината за тоа може да се бара во малиот број можности за јавно разговарање на вакви делитакни теми, особено во град како Прилеп – град во кој степенот на мобилизација во редовите на безбедносните сили на Република Македонија беше исклучително висок, а и град кој даде најголем број жртви (најпознат инцидент со жртви беше оној од месноста Карпалак). Во 2001 година, како реакција на жртвите дојде и до палење на старата џамија од отоманскиот период која беше дел на културно-историското наследство, а чија обнова сé уште претставува предмет на меѓурелигиски тензии. Во последниот период остана забележан и свечениот дочек на хашкиот осуденик Јохан Тарчуловски како херој, од страна на прилепскиот градоначалник (од владеачката ВМРО-ДПМНЕ) и самиот преживеан од настанот на Карпалак. За разлика од претходните два настана на истата тема, овде дебатата беше ослободена од самоцензура, но на моменти и со елементи на изблик на нетрпеливост особено кон презентерите со албанско потекло и кон јавниот заговарач, проф. Ванковска, заради нејзините познати критички ставови во однос на глорификацијата на Тарчуловски како македонски херој. Но, по првиот бран на емотивни коментари, на сцената се појавија и многу пообјективни и конструктивни ставови, со што се покажа дека во заедницата има сепак мнозинство на луѓе кои сакаат помирување и искрено соочување со минатото за да не се повторат насилствата од минатото. Тоа особено се виде преку исклучително високиот интерес за зачленување во Коалицијата и за материјалите за РЕКОМ (лифлети и примероци од Статутот на РЕКОМ).

И покрај напорите на организаторот да обезбеди поголема медиумска покриеност на настанот, се појавија само новинари на едно радио (Радио Холидеј) и локалниот известувач на националната Сител телевизија. Тие обезбедија куси интервјуа со професорите Ванковска и Даскаловски, како и со членовите на Коалицијата – Илија Николовски и Раим Лимани.