Вести

Активистите на РЕКОМ ќе направат попис на сите жртви од војните во 1990-тите години

Kоалицијата за РЕКОМ, регионална иницијатива за утврдување на сите факти за војните во 1990-тите години, не успеа да добие едногласна поддршка од властите на земјите од поранешна Југославија.

Сепак, коалицијата најави дека ќе продолжи со своите истражувања, за правење список на сите загинати, затворени, измачувани или исчезнати за време на крвавиот распад на Југославија.

Минатата година, Коалицијата за РЕКОМ, мрежа на граѓански организации од постјугословенските земји, објави карта што ги документира воените жртви, со податоци за околу 130.000 убиени или исчезнати во конфликтите.

Бидејќи истражувањето не е завршено, оваа карта не ги содржи имињата на сите жртви. Весна Тершелиќ, директор на хрватската невладина организација, Документа-Центар за справување со минатото, вели дека е тешко да се продолжи без поддршка од владите.

„Одбивајќи да формираат заедничка комисија (РЕКОМ), владите на постјугословенските земји направија уште една политичка грешка. Ние веруваме дека од списокот на жртви не треба да се откажеме. Станува збор за преземање на грижа и одговорност да се заврши оваа работа“, нагласи Тершелиќ за БИРН.

Ветувањата на некои влади дека ќе се обврзат РЕКОМ да биде формиран, сè уште не се исполнети.

Се очекуваше претставниците на Косово, Црна Гора, Северна Македонија и на Србија, да ја потпишат декларацијата за формирање на РЕКОМ на Самитот на Западен Балкан во Лондон во јули 2018 година. Сепак, потпишувањето беше неочекувано откажано бидејќи Коалицијата за РЕКОМ не доби официјална потврда од владите на четирите земји, дека ќе учествуваат на церемонијата.

До неуспех дојде и покрај повикот на Европската комисија, која во нејзиниот стратешки документ од февруари 2019 година, за проширување на ЕУ со земјите од Западен Балкан, истакна дека владите мора „недвосмислено да се обврзат и да се посветат, со зборови и со дела, и да го надминат наследството од минатото“, доколку нивните земји сакаат приближување кон ЕУ.

Ниту Хрватска, ниту Босна и Херцеговина, не ветија дека ќе го поддржат формирањето на комисијата за вистината.

„Мислам дека политичката поддршка за иницијативата за именување на сите жртви, што е и цел на РЕКОМ, се промени во согласност со политичката состојба. Но, веруваме дека ќе составиме регионален список на сите жртви од војната во поранешна Југославија“, вели Наташа Кандиќ, основач на Фондот за хуманитарно право (ФХП).

Ситуацијата дополнително се усложнува поради фактот дека Србија не прифаќа некои пресуди на Меѓународниот кривичен трибунал за поранешна Југославија (МКТЈ), што е основа за утврдување на фактите за воените жртви. На пример, Србија не ја признава квалификацијата на Хашкиот трибунал, дека масакрите во Сребреница се геноцид.

Словенија смета дека нема воени жртви во таа земја и дека не постојат основи за нејзино вклучување во РЕКОМ. Кратката, таканаречена „десетдневна војна“, што следеше по прогласувањето на независност на Словенија во јуни 1991 година, доведе до смрт на над 60 војници.

„Секоја држава главно се грижи за своите жртви“

Фото: Коалиција за РЕКОМ.

Собирањето потписи за основање на РЕКОМ започна во 2011 година, во сите главни градови на земјите од поранешна Југославија, како и на интернет.

Намерата беше да се соберат еден милион потписи. Досега, над 700.000 луѓе ја потпишаа петицијата.

Тершелиќ потенцира дека коалицијата има способни истражувачи, но дека нема доволно средства.

„Долгорочното истражување и документирање на човечките загуби бара многу напор, соработка и поддршка“, вели таа.

Со цел да ја прошири постојната база на податоци, коалицијата има за цел, во својата истражувачка работа, да вклучи најмалку 100 организации од локалните заедници и академски институции.

Тершелиќ додава дека по затворањето на МКТЈ, кој до крајот на своето функционирање во 2017 година има документирано илјадници жртви, важно е да се преземе следниот чекор кон утврдување на фактите од конфликтот.

„Регионалната соработка во овој поглед станува се послаба и послаба. Нема доволно солидарност со сите жртви, бидејќи секоја држава главно се грижи за оние од својата група. Но, ние се обидуваме да ги утврдиме идентитетите и околностите на страдање на сите жртви, без оглед на нивната етничка припадност“, објаснува Тершелиќ.

МКТЈ идентификуваше најмалку 18.000 воени жртви и одговорни сторители, додека домашните судови во земјите од поранешна Југославија, идентификуваа уште 2.000 жртви.

Документа ги утврдила идентитетите и околностите на смртта за најмалку 7.000 жртви на војната во Хрватска, додека ФХП Србија ги утврдила идентитетите и околностите на смртта за уште 1.100 лица во истата војна.

Во Босна и Херцеговина, Центарот за истражување и документирање, во соработка со други невладини организации, собра податоци за 96.000 жртви од војната во БиХ и документираше над 1.000 места каде повеќе од 100.000 цивили биле приведени и мачени.

ФХП Косово и ФХП Србија регистрираа над 13.500 жртви од војната во Косово и ги потврдија идентитетите и околностите на смртта на најмалку 8.000 луѓе.

Беким Блакај, директор на ФХП Косово, за БИРН изјави дека се собираат дополнителни информации за илјадници жртви убиени веднаш по војната во Косово.

„Ние ги верификуваме податоците во врска со жртвите на околу 5.500 жртви од 1999 до 2000 година“, објасни тој.


извор: balkaninsight.com