Вести

Заеднички приоритет: фактите за жртвите

27 мај, 2019 

Во Стратегијата за проширување од 2018 година, ЕУ ги постави добрососедските односи и помирувањето високо на скалата на приоритетите. Поддршката којашто во таа смисла ја дадоа лидерите на западниот Балкан (ЗП) на самитот во Софија (17 мај 2018 година), како и заедничките изјави за исчезнатите лица и за воените злосторства на самитот во Лондон (10 јули 2018), се основа за надежта дека силната поддршка за помирувањето, преку Иницијативата за РЕКОМ, ќе биде договорена на самитот во Познањ (4 и 5 јули 2019) во рамките на Берлинскиот процес.  

На подготвителниот министерски состанок (Варшава, 11 мај 2019) навистина беше нагласена „посветеноста на учесниците кон помирувањето“ во текот на „разговорите за можниот пристап на владите кон соочувањето со минатото со учество на цивилното општество и здруженијата на жртвите преку Иницијативата за РЕКОМ“ заедно со „согласноста да се продолжи да се разгледува оваа опција“ (официјалното соопштение на претседавачот). Пјер Мирел (Pierre Mirel), бившиот директор на Европската комисија за ЗБ, беше замолен да помогне во реализацијата на оваа цел. 

Во таа насока, Пјер Мирел неодамна се сретна со претставниците на државните институции во Босна и Херцеговина, вклучувајќи го и Сташа Кошарац, заменикот на пратеничкиот клуб на СНСД, кој веднаш по состанокот објави соопштение за медиумите (16 мај 2019). Господинот Кошарац наведе дека институциите на Република Српска го сметаат РЕКОМ за „неприфатлива институција за поттикнување на процесот на помирување“, поради тоа што „пресудите на МКСЈ не можат да бидат основа за утврдување на фактите и на целосната вистина“. Не може а да не се постави прашањето како е можно некој да одрекне дека, освен пресудите, дури и со некои грешки, судењата сепак утврдија непобитни и значајни факти? 

Оваа изјава на господинот Кошарац претставува јасна негација на определбата на БиХ на самитот во Лондон, каде шефовите на владите го нагласија значењето на „признавањето и почитувањето на пресудите, отфрлањето на говорот на омраза и глорификацијата на воените злосторници, промовирањето на културата на почитување и солидарност со сите жртви“ (Заедничка декларација за воените злосторства). 

Токму тоа е целта и на ‘Регионалната комисија за утврдување на фактите за воените злосторства и тешките повреди на човековите права сторени на територијата на некогашна СФРЈ од 1 јануари 1991 до 31 декември 2001 година’ (РЕКОМ).  

РЕКОМ не доведува до дуплирање на работата на судовите, ниту претставува паралелен суд. Сосредоточувајќи се фактите и на жртвите, тој би се докажал како неопходно средство за дополнување на судските одлуки и за приближување на спротивставените ставови во врска со исти настани. РЕКОМ е конципиран како регионално меѓудржавно тело, чии членови ќе бидат именувани од страна на властите и претставниците на цивилното општество. Нацртот на неговиот Статут е резултат на широк консензус помеѓу лидерите на западниот Балкан во 2014 година. Политичките промени во неколку земји до кои дојде подоцна ја забавија реализацијата на оваа иницијатива, па затоа е важно да дојде до навраќање на неа со поставување на нов колосек на самитот во Познањ во јули оваа година.  

Досега Србија, Косово, Северна Македонија и Црна Гора се сложија да ја поддржат. Босна и Херцеговина и Хрватска сѐ уште немаат изградено официјален став. Се надеваме дека и овие земји ќе ја потпишат декларацијата за РЕКОМ, во име на жртвите и во согласност со настојувањето „да се надмине наследството од минатото со промовирање на помирувањето и на добрососедските односи“ (Заедничка декларација, Лондон, 10 јули 2018).  

Сите лидери на ЗБ навистина би требало да се стремат кон помирување со сите можни средства (судења, механизми за кажување на фактите, заеднички комеморации, учебници и друго, а во согласност со бројните декларации потпишани во текот на изминатите години, како и во контекст на заклучоците на Советот на ЕУ од 2015 година за поддршка на транзициската правда. Утврдувањето на фактите за жртвите треба да биде приоритет – со цел да им се врати личното достоинство и да се спречи минатото да ја пореметува сегашноста и ограничува иднината.