Вести

РЕКОМ како предуслов за траен мир во Западен Балкан

По повод меѓународниот ден на мирот, Коалицијата за РЕКОМ ги повикува претседателите на постјугословенските држави да потпишат договор за основање на Регионалната комисија за утврдување на фактите за воените злосторства и другите тешки повреди на човековите права, извршени во периодот од 1991-2001 година (РЕКОМ). На тој начин, преку јавно признавање на сите жртви, ќе се даде придонес во изградбата на добрососедските односи, бидејќи овој чин претставува предуслов за изградба на мирот и довербата, а истовремено е и гаранција воените злосторства веќе никогаш да не се повторат.

Обврска на сите претседатели и на владите на постјугословенските земји е токму обезбедувањето на траен мир во регионот, а основањето на РЕКОМ има голем потенцијал да помогне во нејзината реализација.

Потсетуваме дека Иницијативата за основање на РЕКОМ стана дел на Берлинскиот процес. Освен тоа, улогата на РЕКОМ како единствен регионален механизам кој претставува врска помеѓу успешната регионална соработка и помирувањето во регионот, беше препознаена и од страна на претседавачите на Самитот за Западниот Балкан одржан во Трст на 12 јули 2017 година, кои ова го истакнаа во завршната Декларација.