Вести

IX Меѓународен форум за транзициона правда-извештај

Помирувањето во постјугословенските земји

 

На 17 и 18 мај 2013 година, во Босна и Херцеговина, на планината Јахорина беше одржан IX Меѓународен форум за транзициона правдапод назив „Помирувањето во постјугословенските земји“. Форумот, во организација на Коалицијата за РЕКОМ, собра околу 220 претставници на организациите на цивилното општество, на жртвите, уметниците, претставниците на верските заедници и на научната заедница, за да разговараат за напредокот во остварувањето на повоеното помирување од различни перспективи.

Форумот го отвори членот на Претседателството на БиХ, Жељко Комшиќ, кој се заложи за помирувањето во регионот, за кое рече дека претставува еден од предусловите за нормален живот на граѓаните. „Луѓето сакаат обичен, нормален живот, работа од која може да се живее и надеж за иднината на своите деца. Без помирување, еднаквост и економски развој ќе биде тешко таа надеж да се одржи“, изјави Комшиќ на отворањето на Форумот за транзициона правда. Тој оцени дека народите на просторот на поранешна Југославија беа толкутесно поврзани што војната не само што ги скина врските меѓу нив, туку и им ги „скрши срцата“ на луѓето од регионот. „И после 18 години од војната оваа тема е сѐ уште актуелна, па се поставува прашањето зошто ни е потребно толку време за помирување и дали е ова прекус или предолг период за процесот на помирување. Верувам дека во продолжението на Форумот ќе се дојде до одговор на ова прашање“, рече Комшиќ.

Основачот на Иницијативата, Наташа Кандиќ нагласи дека „именувањето на жртвите е рамката за нивното јавно признавање“. „Тоа треба да биде проследено со јавни сведочења за нивните страдања, мора да се слушне албанскиот глас во Белград и гласот на Србите во Приштина. Иницијативата за РЕКОМ влијае на смирувањето на тензиите во регионот и го носи потенцијалот во луѓето кои ги обединува.“

Театарскиот режисер Дино Мустафиќ[1]оцени дека владејачките политики во регионот сѐ уште манипулираат со фактите и ги величаат воените злосторници, наместо да се посветат на трагањето по правда за жртвите. „Се прави обид сите неуспеси на сегашноста да се оправдаат со проблемите од минатото“ предупреди Мустафиќ и додаде дека во БиХ сите кои укажуваат на овој факт веднаш стануваат „мета на вулгарен национализам и фашизам“.

Професорот Жарко Пуховски[2]критички се осврна на фактот што историјата на војните од скорешното минато не се пишува врз основа на факти, затоа што тие се подесуваат заради „пишување на патриотска историја“, поради што – ако нешто не се смени – „војните ќе ни се повторуваат“. Затоа, задачата на интелектуалците не е прогонот на извршителите, туку во „тоа, да ги посрамотиме“, нагласи Пуховски.

Ерик Горди[3]предупреди дека културата честопати се користи за повторување на наративите кои се во интерес на определени политики, и дека затоа политичарите помагаат одредени културни работници и проекти. Тој укажа и на некои загрижувачки податоци поврзани со процесите на транзициона правда, а првенствено на одлуката на Жалбениот совет на МКТЈ, кој во некои процеси (Готовина, Харадинај, Перишиќ) донесе пресуди кои веројатно само ќе ја продлабочат постоечката контроверза (која го следи Трибуналот), со оглед дека се засновани на аргументација која е претпоставените права на државите ги става пред интересите на жртвите.

Професорот Зоран Пајиќ[4]предупреди дека во регионот најнапред почна да се зборува за помирување, а дури потоа за механизмите на транзиционата правда, односно дека за помирувањето „почна да се зборува уште пред да бидат подготвени условите за помирување“. Во тој контекст Пајиќ зборуваше и за извинувањата на лидерите од регионот, за кои мисли дека дошле „пребрзо“. Тој потсети дека во моментот кога германскиот канцелар Вили Брант клекна и се поклони пред споменикот во Аушвиц, во Германија веќе беше извршена денацификацијата, или барем кога некои од оштетите беа веќе исплатени и дека, што е најважно, до сето тоа дошло пред изрекувањето на извинувањето на жртвите. А „денес имаме нарцисоидни, арогантни лидери, па затоа оправдувањата останаа да висат во воздухот; жртвите мислат дека извинувањата не се искрени, ако политичарите, кога ќе се вратат дома, ги интерпретираат поинаку…“Тој е резервиран и во поглед на подигнувањето на споменици за жртвите, бидејќи сите споменици во БиХ кои тој ги видел, освен еден во Сараево, се „еднонационални, со страшни пораки кон другите народи“. На крајот на своето излагање, професорот Пајиќ се зазема за механизмот на компензација за жртвите и предупреди на недамнешното истражување, според кое 80 проценти од населението во БиХ сѐ уште живее во минатото. И покрај тоа, охрабрува податокот дека 50 проценти од испитаниците се подготвени за разговори помеѓу различните етнички групи.

И Дениса Костовицова[5]се сложи со оценката дека извинувањата дојдоа „прерано“, па затоа можат лесно да бидат и отфрлени. Таа забележа дека во сите држави-наследнички на Југославија „се намали одрекувањето на злосторствата, но и покрај тоа државите сѐ уште не сакаат да се занимаваат со минатото, ниту со злосторствата“.

Претставниците на верските заедници во БиХ на овој Форум укажаа на значењето на помирувањето и од агол на религиските заедници. Д-р фра Иван Шарчевиќ[6]истакна дека религиските заедници и верниците првенствено имаат одговорност која произлегува од самата вера – значи, не само од политичка или морална одговорност, туку и од метафизичката одговорност – да работат на помирувањето.

Сараевскиот муфтија Хусеин еф. Смајиќ[7]рече дека помирувањето во БиХ се одвива по нагорна линија, наведувајќи дека обичните луѓе, верниците, имаат полно разбирање кога е во прашање помирувањето: „Во Исламската заедница разбираме дека без помирување, а претходно без дијалог со сите оние кои ја признаваат БиХ како своја татковина, нема иднина. Затоа ќе бидеме истрајни во однос на сето она што во иднина ќе се појави како пречка за дијалогот и помирувањето“.

Вања Јовановиќ[8], парохот Сараевски, нагласи дека суштински ниту една религија не заговара нетолеранција и неприфаќање на другиот. И покрај тоа, смета дека помирувањето ќе биде процес кој ќе потрае, бидејќи човекот „не е машина, ниту проект, на кој некој може да му нареди да се помири“.

Претседателот на еврејската заедница во БиХ Јакоб Финци изрази уверување дека „најнапред би требало да се зборува за довербата, а дури потоа запомирувањето“. Тој раскажа анегдота за двајца Евреи, кои после долги години поминати во кавги одлучиле да се смират. Тогаш, првиот му рекол на вториот: „Јас ти посакувам сѐ што и ти ми посакуваш мене“. Вториот веднаш возвратил: „Што, повторно ли почнуваш со кавгата?“Финци додаде дека опишаната неискреност би можела да стане и „наша ситуација“, и повика на толеранција кон другите култури и прифаќање на вистината.

Професорот Здравко Гребо[9]оцени дека времето е созреано политичарите да ја преземат одговорноста за процесот на помирување. „Ние го достигнавме својот максимум. Цивилното општество нема повеќе каде. Ни преостанува само да лобираме кај шефовите на нашите држави да ја прифатат оваа Иницијатива. Ако ја прифатат, тогаш постои надеж за нашите деца дека ќе се сложиме околу најосновните факти за војната, што ќе им го олесни заедничкиот живот“, изјави Гребо, јавниот заговарач за РЕКОМ од БиХ.

Публицистката Споменка Хрибар[10]потсети дека и во минатото и денес некои жртви се глорификуваат, додека други се премолчуваат. „Додека не ги погребаме и едните и другите жртви, односно додека не престанеме со дискриминацијата на жртвите, нема да има мир… За да дојдеме до таков однос спрема другиот, неопходно е во самите нас да предизвикаме сочувство. Не сожалување, туку со-чувство, емпатија. Бидејќи и другиот човек е само човек, суштество кое греши. Ако таа грешност прерасне во насилство кон другиот, тогаш тоа, секако, треба да се санкционира, бидејќи со-чувството е „инвестиција“ – ако смеам да го употребам тој профан збор – за понатаму… Сочувството, имено, повлекува гранична линија помеѓу времето на војната и времето на мирот. Жалењето е дистанца спрема минатото, критика и инвестиција за идниот соживот“, рече Споменка Хрибар.

Личниот пратеник на претседателот на Хрватска, амбасадорот Тончи Станчиќ[11]рече дека соочувањето со минатото и осветлувањето на улогата на сите актери на овие простори е предуслов за соработката и за регионалната стабилност. „Со бремето на минатото тешко е да се оди напред, иако да се оди напред е секако тешка работа“, рече Станчиќ. Според неговите зборови, судењата за воени злосторства не можат да бидат единствениот инструмент на помирувањето и стабилизацијата, ниту пак се тие доволни за да се слушне гласот на жртвите и да се задоволи правдата за нив. „Жртвите не смеат да останат само бројки, тие мораат да добијат име и презиме, мора да се утврди нивниот идентитет“, рече Станчиќ и додаде дека во Хрватска сѐ уште се трага по 1.705 исчезнати лица.

Бојан Главашевиќ[12], кој ги поздрави учесниците во име на Владата на Република Хрватска, наведе дека кога пред една и пол година дошол во Министерството за бранители, тоа министерство трагало по 1.756 лица, а дека „денес Република Хрватска трага по 1.703 свои граѓани и граѓанки“. Тој посебно нагласи дека „интересна, односно многу важна работа која оваа влада ја стори на ова поле е дека нема дискриминација по прашањето на националната или која било друга основа“, бидејќи „своевремено тие граѓани се делеа на оние кои се бараат од 1991до1994година, на пример, и на оние кои ги бараме во подоцнежниот период“, а дека денес „таа разлика е сосема небитна, важно е дека се трага по хрватски државјани“.Бојан Главашевиќнаведе и дека Република Хрватска, најверојатно во првиот квартал на 2014година, ќе донесе закон за жртвите од сексуално насилство во Татковинската војна и во полза на жртвите ќе го измени Законот за цивилните жртви од војната.

Личниот пратеник на претседателката на Косово, Селим Селими[13]оцени дека на регионот му е потребна заедничка работа врз мирот и потрага по правда. „Потребата по правда е поважна дури и од потребата од судот. Мораме да сториме сѐ што е можно за да ја откриеме судбината на исчезнатите“, побара Селими.

Адриатик Келменди[14],уредникот на националната телевизија на КосовоKoha Vision,во текот на дебатата за транзиционата правда додаде дека искуствата на државите од поранешна Југославија нѐ научија дека за постигнување на помирување меѓу народите е нужен политички гест меѓу државитепреземање на одговорноста и меѓусебно признавање на страдањата. „Истовремено, државите кои произлегоа од војната, а кои се признаа взаемно, потврдуваат дека самото политичко воспоставување на државни односи е недоволно без консензус околу вистината за жртвите на војната. Затоа, патот кон помирувањето може да се изоди само ако се чекори на две нозе- бидејќи куцањето на една нога не е од каков што би сакале за својата иднина“, заклучи Келменди.

Еуген Јаковчиќ од Документа ги поздрави учесниците на Форумот во име на Драго Пилсел, христијанскиот теолог и новинар од Хрватска, кој лично се дистанцираше од усташките ставови во сопственото семејство и од окружувањето во кое пораснал во Аргентина. Во писмото упатено до учесниците на Форумот, кое го прочита Јаковчиќ, Пилсел потсети на апелот кој, по повод 50-годишнината од завршувањето на Втората светска војна,хрватските бискупи го упатија во 1995година, поточно на 1 мај 1995година.Во споменатото обраќање до јавноста (потпишано од кардиналот Фрањо Кухариќ), меѓу другото,  пишува дека „главната тежина на прашањето не е во тоа како да се жалат жртвите на сопствената заедница и како да се препознае вината на другата заедница. Хрватите и Србите, католиците и православните и муслиманите, и другите,  стојат пред потешки морални прашања. Имено, како да се жалат жртвите од другата заедница, како да се признае вината во сопствената заедница, и потоа како да се покае за вината, како да се здобие и божјиот и човечкиот опрост, спокој на совеста и помирување меѓу луѓето и народите, и како да се започне новото доба засновано на праведноста и вистината?“

На учесниците на Форумот им се обратија и членови на повеќе здруженија на жртвите. Када Хотиќ, од здружението Движење на мајките на енклавите Сребреница и Жепа,рече:„На темата за уметноста и културата нема да зборувам, но можеби ќе кажам нешто на темата за некултурата“. Таа нагласи дека ѝ се „убиени синот, сопругот, двајца браќа, многубројни роднини“, но дека „во оваа војна немаше победници“ и дека „и покрај огромниот број убиени, оваа земја што се нарекува српска – е со крв натопена“. „И кога јас и многу други како мене ќе кажеме дека таа е створена врз крвта на нашите деца и на геноцид, ни велат дека тоа не е културно, дека е тоа многу лошо, дека тоа оди во недоглед, омразата и ширењето на злото. Меѓутоа, јас и ден-денес, и никогаш во иднина нема да се сложам ако ми кажат дека сум родена во Република Српска- јас сум родена во Зворник во Босна и Херцеговина“, додаде Када Хотиќ.

Судбин Мусиќ ги потсети учесниците „што е РЕКОМ, всушност“: „Тоа е коалиција на огромен број на посебни организации и поединци, и таа сила која ја има РЕКОМ произлегува од тој огромен број членови, и секако од консултативниот процес кој се води долго време со многу различни групи“. Како особено важно тој го подвлекува фактот што „има редовни контакти помеѓу јавните заговарачи и членовите на одредени земји, во кои дејствуваат јавните заговарачи“.

Потресна беше и исповетта на Мирко Ковачиќ од Вуковар, логорашот од Стајиќево во Србија. Раскажа како тој, кој во тоа време имал 61 година, во логорот бил затворен заедно со својот син и како заедно се грижеле за еден затвореник, кој умирал од шеќерна болест. Покрај лекови, му била потребна и масажа, и за тоа, со знаење на командантот на логорот Мирослав Живановиќ, се грижеле токму Мирко Ковачиќ и неговиот син. Кога во логорот почнале да упаѓаат припадниците на паравоените формации, командантот го преместил на безбедно место споменатиот болен заедно со уште едно лице, во една друга соба „во другиот дел од логорот, така што ги спаси овие затвореници“, наведе Ковачиќ и нагласи дека полковникот Мирослав Живановиќ на листата за пуштање на слобода заради грижата за болните лично го допишал и името на неговиот син Дарко. За тоа дека Живановиќ бил „коректен, вистински, прав војник, а не мачител“ веќе три пати сведочел и на Жупанискиот суд во Осијек.

Драган Пјевач, на кој хрватската војска му ја убила мајката во1993година, предупреди дека наследството на Хашкиот трибунал и сета документација се навистина многу важни и скапоцени, но и дека за страшните злосторства над Србите во Хрватска сѐ уште никој не е правосилно осуден. „Првостепената хашка пресуда за генералите беше на 1.300 страници, тројца судии беа едногласни, а имаше преку 200.000 протерани и преку1.800 убиени лица, од кои 1.212 цивили, според нашата евиденција. За тој дел досега апсолутно никој не одговарал правосилно, ама баш никој не одговарал. A тој хашки трибунал на Србите од Хрватска им е последната надеж за правда, вистина, доверба, и така натаму. Што сега и како понатаму, како да се соочиме со вистината на овие наши простори, по сѐ што е сторено?“, праша Драган Пјевач и додаде дека „токму затоа така силно, силно го поддржувам основањето на РЕКОМ“ и дека му е драго што „се ова така сериозни дискуии и што така сериозно ѝ се приоѓа на оваа тема“.

Учесниците на Форумот, на крајот, оценија дека учеството на така голем број професори и истражувачи од европските универзитети охрабрува, и дека ова може да послужи како поттик кај домашните академски заедници да се вклучат во дебатата за транзиционата правда и помирувањето, за да придонесат во изградбата на модел кој најдобро би одговарал на потребите на општествата од територијата на поранешна Југославија.

Претставниците на државните институции оценија дека судењата за воени злосторства пред домашните судови се најважниот инструмент за постигнување на правдата и дека државите воглавно успејаа да ги исполнат своите обврски во процесуирањето на воените злосторства. Впечаток е дека прашањето на судбината на исчезнатите станува приоритет во односите меѓу Србија и Хрватска, а се очекува ова прашање да добие исто значење и за односите меѓу Србија и Косово.

И покрај наведените позитивни придвижувања, во дискусиите имаше и критички тонови. Во врска со државите од регионот преовладуваа критики заради нивното споро соочување со минатото, а во  врска со механизмите на транзиционата правда укажано е на сѐ повоочливите ограничувања на правосудството во поглед на постигнувањето на правдата за жртвите, особено по неколкуте недамнешни ослободителни пресуди на МКСЈ. Врз основа на тие критики, учесниците во дискусијата укажаа и на сѐ поочигледната потреба од регионален пристап со цел да се утврдат непобитните факти за воените злосторства и за тешките повреди на човековите права, како и за да се надминат ограничувањата на кривичните судења за воени злосторства.



[1]Дино Мустафиќ, режисер/Регионален тим на јавни заговарачи на Иницијативата за РЕКОМ, БиХ

[2]Проф. д-р Жарко Пуховски, Регионален тим на јавни заговарачи на Иницијативата за РЕКОМ, Хрватска

[3]Dr. Eric Gordy, Univerzitet College London, Велика Британија

[4]Проф. д-р Зоран Пајиќ, Центар за интердисциплинарни постдипломски студии Сараево, БиХ

[5]Д-рДениса Костовицова, Лондонска школа за економија и политички науки, Велика Британија

[6]Проф. д-р фра Иван Шарчевиќ, Фрањевачка теологија, Сараево, БиХ

[7]Хусеин еф. Смајиќ, муфтија Сараевски, Исламска заедница на Босна и Херцеговина

[8]Отец Вања Јовановиќ, парох Сараевски, Српска православна црква, БиХ

[9]Проф. д-р Здравко Гребо, Регионален тим на јавни заговарачи на Иницијативата за РЕКОМ,БиХ

[10]Д-р Споменка Хрибар, публицистка, Љубљана, Словенија

[11]Тончи Станичиќ, Амбасадор на Република Хрватска во БиХ

[12]Бојан Главашевиќ, помошник на министерот за бранители, Хрватска

[13]Селим Селими, личен пратеник на Претседателката на Косово за РЕКОМ

[14]Адриатик Келменди, Регионален тим на јавни заговарачи на Иницијативата за РЕКОМ,Косово