Вести

Косово: Учениците треба да учат за воените злосторства

Во учебниците треба да се најде поглавје за транзициската правда, во чии рамки учениците ќе учат за судењата за воени злосторства и како да се справат со минатото, смета Фондот за хуманитарно право на Косово.

 

Директорот на Фондот за хуманитарно право, ФХП, на Косово, Беким Блакај, на тркалезната маса што во петок се одржа во Приштина, изјави дека во училиштата треба да се учи за транзициската правда, за да можат младите подобро да разберат што се случувало во војната.

„Во учебниците не постојат содржини за механизмите на транзициската правда и ние веруваме дека кога некој ќе стане возрасна личност, треба да има барем некои основни познавања за транзициската правда”, рече Блакај.

Додаде дека е важно овој предмет да биде дел од наставната програма, за младите луѓе да дознаат повеќе за механизмите за потрага по вистината, како што се комисиите за вистина, репарациите за жртвите и институционалните реформи.

„Веруваме дека граѓанското образование е најсоодветниот предмет со кој би биле опфатени транзициската правда, механизмите на транзициската правда, што би ги покрил судските процеси за воени злосторства, а младите би биле информирани за тоа како се тие организирани, зошто нивниот број е мал и зашто не постојат начини да се направи нешто повеќе“, рече Блакај.

ФХП Косово во 2015 година подготви документ со кој заговара вклучување на транзициската правда во наставната програма во средните училишта, во кој се наведува дека учениците од Косово имаат искривена верзија за она што се случувало во војната.

„Младината на Косово моментално не учи за прашањата поврзани со транзициската правда, што води до загрижувачки дефицит на знаење за важноста за справување со минатото”, се вели во документот.

Во него се нагласува дека ситуацијата има далекусежни последици за помирувањето, социјалната стабилност и за мирот.

Арбер Салиху, основач на Здружението на наставници по историја на Косово и координатор за наставата по историја во Министерството за образование, рече дека во историските учебници има погрешни информации за жртвите во војната, бидејќи книгите се напишани веднаш по војната, кога немало точни податоци за нивниот број.

„Учебниците за историја мораше да бидат напишани за многу кратко време и тоа беше хендикеп”, рече Салиху.

Истакна дека има грешки и други прашања кои треба да бидат решени, но и дека постои потреба да се применат нови наставни методи.

„Советот на Европа е клучен промотор за изучување на историјата и зборува за мултидимензионален пристап, а тој бара употреба на повеќе извори, без разлика дали тоа се документи, статистика или карти, со што ќе им се овозможи на учениците директно да се соочат со таквите извори и да дојдат до заклучоци” , заклучи Салиху.

Од 2011 година, во рамките на програмата за транзициска правда, ФХП Косово, во средните училишта низ цело Косово, во неколку наврати, организираше едукативни работилници.

( Oбјавено на сајтот Balkan Insight, 27.10.2017. )