Вести

Кампања за основање на РЕКОМ во рамки на Берлинскиот процес

Мемо

За само неколку дена, во текот на мај 2017 година, дури 50.000 граѓани на Сараево, Бања Лука, Приштина, Загреб, Белград, Ниш, Прешево, Нови Сад, Зрењанин, Суботица и Нови Пазар, ја потпишаа петицијата за договор меѓу лидерите на постјугословенските земји за основање на РЕКОМ во рамките на Берлинскиот процес. Цел на кампањата беше запознавање на граѓаните со обврските на политичарите од регионот кои произлегуваат од декларацијата на претседавачите на самитите во Берлин (2014), Виена (2015) и Париз (2015), а кои се однесуваат на „конкретните чекори на политичките лидери на западниот Балкан во насока на трајно помирување во регионот“.

Граѓаните на Приштина решително му дадоа предност на регионалниот механизам за откривање и кажување на вистината пред Косовската комисија за вистината и помирувањето, чие основање беше иницирано од претседателот на Косово, Хашим Тачи.

Граѓаните на Бања Лука ги игнорираа повиците на некои локални здруженија, финансирани од Владата на Република Српска, да не ја потпишуваат петицијата „против Србите“ и искажаа огромна доверба за РЕКОМ, чие основање го бара цивилното општество од сите земји од подрачјето на некогашна СФРЈ.

Поддршката на граѓаните на Сараево e несомнена. „Да ги знаеме сите жртви по нивните имиња, да го чуеме нивниот глас во целиот регион“ е нивниот мотив за давање потпис.

Во текот на изборната кампања, граѓаните на Загреб покажаа дека Хрватска, и како членка на ЕУ, има политичка и историска обврска да учествува во процесот на јавно признание за сите жртви од војните во деведесеттите на подрачјето на некогашна СФРЈ.

Граѓаните на Прешево учествуваа за првпат во регионална кампања за жртвите. За нив регионалниот пристап е гаранција за јавно признание на сите жртви (па и на нивните).

Во Белград, Нови Сад, Зрењанин, Суботица и Ниш кампањата потврди дека РЕКОМ ужива силна поддршка кај обичните луѓе. За нив РЕКОМ претставува обврска на државите и на нивните актуелни лидери.

Факти

Коалицијата за РЕКОМ обединува 2.050 организации на цивилното општество и поединци – уметници, членови на академската заедница, писатели, правници и новинари од сите постјугословенски земји.

Во периодот 2007–2011 година, Коалицијата спроведе консултативен процес во кој учествуваа околу 8.000 граѓани од различни групи на цивилното општество, собрани околу идејата за регионално соочување со минатото. Резултат на оваа дебата беше Предлог Статутот на РЕКОМ со цели, задачи и основни активности на идната меѓудржавна комисија. Во мај 2011 година, Коалицијата организираше четиридневна кампања за основање на РЕКОМ, во чии рамки 550.000 граѓани од сите постјугословенски земји ја потпишаа петицијата за основање на РЕКОМ. Во мај 2013 година, претседателите/Претседателството на БиХ именуваа лични претставници за РЕКОМ, кои во наредната година и половина го анализираа предложениот Статут. На 28 октомври 2014 година, тие на Коалицијата ѝ ги предадоа Измените на Статутот на РЕКОМ. На Собранието одржано на 14 ноември 2014 година, Коалицијата го поддржа тој основачки документ без ниту една забелешка, оценувајќи дека се создадени формалните услови за основање на меѓудржавната комисија.

Во насока на помагање РЕКОМ да направи регистер на цивили и војници кои го изгубиле животот/исчезнале во врска со војната, како и на сите места на заточеништво, како што е предвидено со мандатот на РЕКОМ, до крајот на 2016 година Коалицијата собра преку 17.000 изјави на сведоци и на членови на семејствата на жртвите, 12.000 фотографии на жртвите и преку 30.000 документи кои се однесуваат на околностите и контекстот во кој жртвите го изгубиле животот или исчезнале. Врз основа на овие извори утврден е идентитетот и околностите на смртта на околу 23.000 цивили и војници од вкупно 130.000 жртви, колку што вкупно настрадале во војните од 1991–2001 година.

До крајот на 2016 година, Коалицијата документираше 630 места на заточеништво во војната во БиХ од вкупно 1.500, а во кои биле заробени преку 170.000 луѓе, претежно цивили.

Хашкиот трибунал го утврди идентитетот и околностите на смртта на најмалку 18.000 жртви на воените злосторства.

Во разговорите со активистите на кампањата за потпишување на петицијата (мај 2017), граѓаните го споделуваа ставот дека преку РЕКОМ државите треба да организираат попис на воените жртви и да соберат докази за околностите под кои настанала смртта/исчезнувањето на 130.000 жртви.

Граѓаните на постјугословенските земји очекуваат нивните лидери да го поддржат вклучувањето на иницијативата за основање на „РЕКОМ – Регионална комисија за утврдување на фактите за воените злосторства и другите тешки повреди на човековите права на подрачјето на некогашна Југославија“ во агендата на претстојната конференција за западниот Балкан, која ќе се одржи во Трст, на 12.07.2017 година, и да преземат конкретни чекори во насока на постигнување и потпишување официјален договор за основање на РЕКОМ на наредната конференција, планирана за 2018 година.

Коалиција за РЕКОМ, 09.06.2017