Вести

Во целиот регион започна собирањето на потписи за РЕКОМ

t_REKOM-znak-mali

На сите простори на поранешна СФРЈ на 26 април 2011 година започна акцијата за собирање на милион потписи за поддршка за формирање на независна меѓудржавна регионална комисија, РЕКОМ.

Комисијата ќе биде задолжена да ги утврди фактите за сите жртви од војните во периодот од 1991-2001 година на територијата на поранешна Југославија како и фактите за сите кршења на човекови права во текот, по и во врска со војните.

Предлог статутот на РЕКОМ, по подолга јавна расправа беше усвоен на Четвртото Собрание на Коалицијата за РЕКОМ на 26 март 2011 година.

Акцијата за собирање на потписи ја организира Иницијативата на млади за човекови права со помош на десеттина невладини младински организации од сите земји во регионот. Во неа се вклучени над 2000 волонтери ангажирани и обучени од самите организации.

Свеченото отворање на кампањата за собирање на потписи започна симболично, во пет минути до дванаесет, истовремено во Бања Лука, Белград, Љубљана, Ниш, Панчево, Подгорица, Приштина, Сараево, Скопје, Тузла, Врање и Заграб со тоа што акцијата се проширува и во голем број на други градови во регионот. Многу јавни личности во секоја од земјите дојдоа да се потпишат и меѓу првите ја изразија поддршката за Иницијативата за РЕКОМ. Големо беше присуството и на медиумите. Многу прилози, извештаи и коментари, како и тематски емисии, посветени на почетокот на потпишувањето беа емитувани истата вечер на медиумите.

Потписите за поддршка ќе се собираат до 6 јуни, кога заедно со Предлог статутот на РЕКОМ, ќе бидат предадени на претседателите, владите и парламентите во сите држави во регионот.